Во разговор со Лазо Плавевски

Лазо Плавевски р.1954г.дипломиран историчар на уметност, ликовен критичар и куратор .  Со карикатурата се занимава од 1970 г., а подоцна со маил-арт, дизајн и детски цртежи.
Во 2020г. ја организира изложбата „Мајсторисување со едноставноста – за карикатурите на Боро Пејчинов“.

Во продолжение парафраза од разговорот со Лазо Плавевски.

И: Би сакал од колега да слушнам за Боро Пејчинов.

Л: Сум сретнал многу културни луѓе, но Боро беше исклучително културен човек, фин, тих со една неверојатна мисла која води, разговара, анализира. Toj е еден од луѓето што ми оставиле впечаток и донекаде бев должен кон нив. 
Боро како карикатурист е гениј, имате каталог кој е направен највеќе за да им се пренесе на новите генерации не начинот на кој што треба да работат, туку за да станат свесни за едно реално, пластично остварување на реална мисла.


Ми беше страв дека не можам никако да ви помогнам, или дека тоа ќе можам да го сторам многу малку, бидејќи периодот кога тој почна да се занимава со анимиран филм, јас веќе не контактирав толку често со него. Додека беше во ОСТЕН разговаравме често, иако беше одамна, се сеќавам дека ми раскажуваше дека прави филм и дека анимира предмети, што во тоа време ми звучеше прилично интересно. Ме повика да работам со него, ми кажа да размислам, размислив и одбив затоа што мислев дека сум многу стар за анимиран филм тогаш, и тој го направи филмот сам.
Понатаму, по мене, следуваат само тажни приказни. Многу луѓе починаа, тие што беа во Вардар филм од тоа студио беа на минималец, Дарко (Марковиќ) отиде и остана долго време во Англија, останаа Боро, Делчо (Михајлов) мислам дека не ни беше таму во тоа време, тој беше кратко таму им ги правеше од страна филмовите, остана Игњат (Славољуб Игњатович)..Ова беа луѓето кои формираа студио за цртан филм.
Тоа беше едно убаво класично студио сместено во просторија во која имаа маси за анимација и се што треба, дури и во македонска телевизија имаше и стол за анимација кој не знам дали им проработе, ја имам видено таа просторија со столот за снимање цртани филмови во кој мислам дека они не влегоа, ги снимаа своите филмови во Загреб, дури и ги монтираа таму. За жал, толку имам да ви раскажам, сите се раскараа меѓусебно и имаа тажни судбини за кои не сакам да зборувам.

И: Убавината во македонскиот анимиран филм е врската со ликовната уметност и карикатурата. Јас се заљубив во македонскиот анимиран филм кога го видов „Отпор“.

Л: „Отпор“ е најдобриот филм на Боро Пејчинов. Во Вардар филм не знам дали се сочувани артефактите од тој филм, бидејќи Боро правеше анимирани предмети, најверојатно од пластелин, мора да се некаде во архивата. За жал, сето тоа е изгубено, немаме смисол за нашата историја.
Но, има во „Отпор“ еден елемент кој го разработува, а тоа е сведување на основна варијанта, односно се треба да биде дводимензионално наместено. Даската на која се кова е хоризонтална и горе се движат предмети кои ги анимира.

Боро Пејчинов има идеографски пристап кон цртежот, видете во чадорот, дождот само точки, црта човекот вода со хоризонтални линии, кој друг го прави тоа во тоа време, и тоа е таа неверојатност во неговиот пристап, особено во 70-74та, делумно пренесена во „Отпор“.
Понатаму тој не се движи така, по мене неговиот најамбициозен филм е „Тоа е мојот живот“, поинаку ја разработува оваа идеја.

Фрагменти од филмот „Тоа е мојот живот“ 1986 (стр.114 и стр.115)
“Quo vadis homo” Светска галерија на карикатури, каталог 1971г. (стр.70-71)
Од публикацијата „ Мајсторисување со едноставноста – за карикатурите на Боро Пејчинов“

И:Едноставноста што е во делата на раните дела на Пејчинов, каде целиот филм е во служба на идејата, не е заинтересиран за синематичко доживување…

Л: Потекнува и од Вукотиќ (Душан) по мене, еден период, крај на 50ти, за Загреб филм зборувам, тогаш има различни пристапи кон цртаниот филм. Еден пристап Вукотиќ  дефинира со „Сурогат“, тој модел на јасна порака, и целиот филм оди кон пораката која доаѓа на крај. Целиот филм е поедноставен, реален и во идеограми, и со порака.
Не е тоа така често претходно, тоа понатаму станува систем во Загребската школа, се менуваат генерации но доаѓаат други генерации најчесто на карикатуристи, Драгич, Гргич, Довникович, делумно по тие теркови и Александар Маркс размислува, прават неколку ремек дела и сакам да кажам дека тој концепт за филм со порака кој трае околу 6-7 минути, има некакво раскажување, е во суштина конципиран во „Сурогат“, сите понатаму се држат до тој модел. Во „Отпор“ зборуваме за јасна порака која доаѓа на крај од филмот.Тоа е тоа, како светоглед како смисла и значење.

„Отпор“ Боро Пејчинов 1978г.


Работата е една, доцна е почнат цртаниот филм во Македонија, поранешните генерации, генерациите на Загреб филм кога ги прават филмовите не ги прават само за фестивали, тие одеа и како предигри во кина и имаа реална публика, во 70ти години тој однос кон анимираниот филм како еден активен контакт со публиката почна реално да се губи, почнуваат да егзистираат само по фестивали, телевизии и пригодни прикажувања, и тогаш овде почнуваат со него да се занимаваат, а тој во суштина како таков исчезнува секаде. Додека не најде некое друго место да се прилагоди како активно присутен во сегашноста.
Порано, зборувам за Загребската школа и Загребското студио, јас сум ги гледал тие филмови во кино, пред филмот гледаш филмски новости и гледаш цртан филм. И они имаат еден активен однос, кога прават, прават за публика, цртаниот филм е правен за публика, после тоа исчезнува, не е веќе присутен во кино салите. А тоа е веќе еден реален проблем за анимираниот филм.

И: Што е тоа што карикатуристите во 70ти години ги носи во анимиран филм?

Л: По мене, сите карикатуристи, не 100% сакаат да завршат во цртан филм затоа што таму е друг систем, прво се они па има декери, па раководат со некоја пара со некаков проект, а кога си карикатурист тие се само дел од новинарството, они се доживуваа така, како новинари. Боро веројатно не, но Дарко, Делчо да. И они сакаа да се занимаваат со нешто поголемо, имаа талент да се занимаваат со нешто поголемо и имаа енергија тоа да го остварат. Тоа највеќе има уништено добри карикатуристи, анимираниот филм, добри карикатуристи одат и оставаат незавршена работа. Ако го прашавме сега жив Боро што си ти, он ќе речеше аниматор, нема да речеше карикатурист, тоа го претпоставувам, дека ќе кажеше автор на цртани филмови. Они не снимаа многу, но он себе се гледаше како аниматор.

И: Можам да најдам голем број на проекти кои што се во фаза на сториборд припрема и не се реализирани, дури и буџетирани проекти што едноставно не се снимиле.

Л: Целата таа финансиска конструкција која е многу важна не ја знам. Имаа студио, имаа голема просторија каде што се работеше и тоа отиде по ѓаволите..тие не се ни вртеа после таму. Сето тоа го упропастија тие кои не го финансираа тој дел, после платите им ги ставија на минималец и не им даваа пари за филмови да снимаат.Кога бев кај неговата сопруга да видам што има од карикатури, налетував на некои фолии што ги работел за Загреб филм, па избила војна и така останало тоа незавршено.

Во разговор со Тонкица Митровска

Тонкица Митровска р.1948, дипломиран графичар,  е една од првите кои работат на анимиран филм во Македонија. Таа во нејзината кариера има соработувано со сите автори и режисери и е инволвирана во речиси сите филмови. Во 1995г. Тонкица, заедно со Делчо Михајлов го снима Крај.

„Крај“ Тонкица Митровска, Делчо Михајлов 1995г.



Во продолжение парафраза од разговорот со Тонкица Митровска:


Kога првпат се сретнавте со анимиран филм?

Во средно уметничко, имав двајца „школски“ од Нови Сад кои живееа кај Дарко Марковиќ.  Дар-Mар беше личност преполна со идеи и многу плоден автор, во тоа време се бавеше со карикатура и беше многу активен со редакција „Остен“. Дружевме и почнавме да работиме како дел од тимот на Дарко на изложбите на карикатури и светската галерија на карикатури.
Тоа беше негде 1970  година, уште тогаш идеата за анимиран филм беше во зародиш.
Во 1972, имаше многу добри карикатури од цел свет и гости кои беа дојдени. Дарко предложи карикатурите кои беа наградени, нормално во согласност со авторите, да се анимираат.
Спонтано, ентузијастички го учевме анимираниот филм, дури и Дарко, практично ние така почнавме.
Јас прва работа што ја работев е да го пренесам цртежот на фолија, после постепено почна да нѐ воведува, со фазирање, анимација…

Каков беше  статусот на анимираниот филм во тоа време?

Никаков, немаше воопште анимиран филм, барем јас незнаев , мислам дека Петар Глигоровски, тој има направено прв анимиран филм, меѓутоа го работел во „Загреб филм“, таму го цртал, го снимал, можеби и живеел таму.. не го познавав Петар тогаш, го запознавме откако се формираше оделението за анимиран филм при Вардар Филм.

Одделението за анимиран филм при „Вардар филм“?

По иницијатива на Дарко, заедно со директорот на „Нова Македонија“ („Остен“ беше во склоп) предложиле да се формира одделение за анимиран филм и тимот од „Остен“ се префрли во „Вардар филм“ во 1975 г.  Од мај 1975 практично е формиран анимиран филм при „Вардар филм“. Таму бевме : Дарко Марковиќ, Владимир Бороевиќ, (Славољуб) Игњатовиќ, јас, мојата колешка Милка (Ковиловска, н.з.), Афродита Марковиќ, Делчо Михајлов и Боро Пејчинов… а најпосле се приклучи и Перо (Петар Глигоровски, н.з.)

„Рака“ Дарко Марковиќ 1980г.

Како изгледаше процесот на создавање на анимиран филм во „Вардар филм“?

Дарко, Пејчинов, Глигоровски и Делчо беа автори и режисери, процедурата беше да конкурираат врз основа на сценарио или синопсис, го даваа на работнички совет кој заедно со уметничкиот директор одлучуваше кои филмови ќе се снимат. Потоа се формира тим и се почнуваше со работа.

На пример, кога се снимаше филм на Дарко Марковиќ: откако ке направеше книга на снимање и сториборд по кадри, Дарко – ги црташе главните ликови и почнуваше со анимација, фазерите се уклучуваат со цртање на меѓуфази. Кога ќе е готов цртежот, оди на рачно копирање на фолија. Потоа се бои од другата страна.

Кога сѐ ќе беше завршено, илјадници фолии, позадини, сценографија, ги носевме во Загреб на снимање.

Фолија и позадина од филмот „Адам (5 до 12)“ на Петар Глигоровски 1977г.



Во тие години многу се работеше, имам работено со сите режисери. Филмовите на Петар Глигоровски беа по специфични, преку цртежот ја режев фолијата со специјален скалпел, во еден мах, ја следиш линијата како да ја црташ, а да не ја оштетиш хартијата одоздола. Перо знаеше да ми каже: „Tи си цар, ти да си у Загреб ќе имаш миљони, многу ми се свиѓа. Следниот ден ќе ми каже; не е добро.“ А тоа истото. Перо беше интересен карактер.

Да го спомнам Мирослав Грчев. Бевме екипа во „Загреб филм“, таму работевме неколку недели. Се снимаше филм на Дарко и филмот „Знаме“ на Грчев …

Црно знаме.

Какво и да е, и на него работев;  почнуваат демонстрации и еден оди со знаме, ги води тие зад него оди, оди, оди, и доаѓаат до провалија, тој застанува, сите други паѓаат, тој останува. „Воџа!?!“
како викаат, „будале гину за идеале“. Тоа е стара парола од времето уште од социјализмот: „Само будале гину за идеале.“

„Црно знаме“ Мирослав Грчев 1980г.



Продолжува

Вовед

МАКЕДОНСКИ АНИМИРАН ФИЛМ 1971 -1991
Златна доба или заборав

И.И.:
Бев длабоко навлезен во анимација кога прв пат се сретнав со македонските анимирани филмови од 1970-тите и 80-тите години. За нив имав слушнато како некои пионерски дела, рани експерименти. Не бев свесен дека позади сето тоа има нешто повеќе, сѐ додека не налетав на „Отпор“ на една локална телевизија. Кога го изгледав бев пријатно изненаден, видов уникатен авторски израз, врвна режија, сценарио, камера, монтажа, динамика, мајсторска техника на анимација, сѐ, освен квалитетот на копијата која се емитуваше… По првичното соочување со мојата игнорантност, веднаш се заинтересирав, најдов и други филмови кои само ми потврдија дека анимираниот филм се сфаќал многу сериозно. Сакав да откријам нешто повеќе за традицијата од која што сега и јас сум дел, ова е тоа што го најдов:

„Отпор“ Боро Пејчинов 1978г.

На кратко:

Приказната почнува пред околу 50 години, во 1971г. со првиот македонски анимиран филм, „Ембрио No. M.“ на Петар Глигоровски. Глигоровски, заедно со Дарко Марковиќ, Боро Пејчинов и Делчо Михајлов се генерацијата која ги поставува темелите на македонската анимација. Овие автори го достигнуваат својот зенит кон крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите години – создавајќи извонредни филмови кои учествуваат и добиваат значајни признанија на големи светски фестивали. Филмовите главно се продуцирани од Вардар Филм, институција во која креативноста и ентузијазмот на авторите, нивниот уникатен израз и идеја за анимиран филм се спојуваат со филмското знаење и искуство. Во тоа време кон нив се приклучуваат и други автори: Афродита Марковиќ, Мице Јанкуловски, Славољуб Игњатович, Мирослав Грчев и други, кои заедно ја збогатија македонската кинематографијасо повеќе од 30 анимирани филмови. Гледано од денешен аспект, по бројот и квалитетот на на филмовите, ова може да се смета за златна доба на македонскиот анимиран филм.

На овој веб сајт ќе ги објавуваме резултатите од нашето истражување во обид да ја пополниме празнината, да ја запознаеме денешната јавност и да им дадеме признание на пионерите и великаните. Македонскиот анимиран филм заслужува да добие вистинско вреднување и да го најде своето место како интегрален дел на македонското културно наследство, инспирирајќи нова генерација на автори.



С.Ј.:
Идејата на Иван да направи еден вид на омаж и документација на важен аспект на македонската филмска култура веднаш ме заинтригира. Како и со многу други аспекти од нашата национална меморија, бев фрапиран од недостигот на елементарен интерес за историјата и развојот на македонската анимација, особено знаејќи дека моментално имаме една вибрантна сцена во зачеток. Тука очигледно постои една празнина во чие пополнување може да помогнам со моето енциклопедиско искуство како и искуствата стекнати со промоцијата на македонски филмови и телевизиски серии.

„Апартман“ Афродита Марковиќ 1987г.

Истражувајќи ги филмовите, бев затекнат од авангардноста и социјалната ангажираност на нашите автори. По својата експерименталност ме потсетуваат на експерименталните филмови на Хари Еверет Смит (Heaven and Earth Magic, 1962) и Рене Лалу (La Planète sauvage, 1973), но она што навистина е маркантно е бескомпромисната критика на општеството во 70-тите и 80-тите години, кое извира можеби од еден малку подзаборавен, но искрен утопизам. Се надевам дека проектот ќе помогне во нивната ревалоризација и реактуелизација.

* насловна „Ембрио No. M.“ Петар Глигоровски 1971г.