Во разговор со Лазо Плавевски

Лазо Плавевски р.1954г.дипломиран историчар на уметност, ликовен критичар и куратор .  Со карикатурата се занимава од 1970 г., а подоцна со маил-арт, дизајн и детски цртежи.
Во 2020г. ја организира изложбата „Мајсторисување со едноставноста – за карикатурите на Боро Пејчинов“.

Во продолжение парафраза од разговорот со Лазо Плавевски.

И: Би сакал од колега да слушнам за Боро Пејчинов.

Л: Сум сретнал многу културни луѓе, но Боро беше исклучителен човек, фин, тих со една неверојатна мисла која води, разговара, анализира. Toj е еден од луѓето што ми оставиле впечаток и донекаде бев должен кон нив. 
Боро како карикатурист е гениј, имате каталог кој е направен највеќе за да им се пренесе на новите генерации не начинот на кој што треба да работат, туку за да станат свесни за едно реално, пластично остварување на реална мисла.


Ми беше страв дека не можам никако да ви помогнам, или дека тоа ќе можам да го сторам многу малку, бидејќи периодот кога тој почна да се занимава со анимиран филм, јас веќе не контактирав толку често со него. Додека беше во ОСТЕН разговаравме често, иако беше одамна, се сеќавам дека ми раскажуваше дека прави филм и дека анимира предмети, што во тоа време ми звучеше прилично интересно. Ме повика да работам со него, ми кажа да размислам, размислив и одбив затоа што мислев дека сум многу стар за анимиран филм тогаш, и тој го направи филмот сам.
Понатаму, по мене, следуваат само тажни приказни. Многу луѓе починаа, тие што беа во Вардар филм од тоа студио беа на минималец, Дарко (Марковиќ) отиде и остана долго време во Англија, останаа Боро, Делчо (Михајлов) мислам дека не ни беше таму во тоа време, тој беше кратко таму им ги правеше од страна филмовите, остана Игњат (Славољуб Игњатович)..Ова беа луѓето кои формираа студио за цртан филм.
Тоа беше едно убаво класично студио сместено во просторија во која имаа маси за анимација и се што треба, дури и во македонска телевизија имаше и стол за анимација кој не знам дали им проработе, ја имам видено таа просторија со столот за снимање цртани филмови во кој мислам дека они не влегоа, ги снимаа своите филмови во Загреб, дури и ги монтираа таму. За жал, толку имам да ви раскажам, сите се раскараа меѓусебно и имаа тажни судбини за кои не сакам да зборувам.

И: Убавината во македонскиот анимиран филм е врската со ликовната уметност и карикатурата. Јас се заљубив во македонскиот анимиран филм кога го видов „Отпор“.

Л: „Отпор“ е најдобриот филм на Боро Пејчинов. Во Вардар филм не знам дали се сочувани артефактите од тој филм, бидејќи Боро правеше анимирани предмети, најверојатно од пластелин, мора да се некаде во архивата. За жал, сето тоа е изгубено, немаме смисол за нашата историја.
Но, има во „Отпор“ еден елемент кој го разработува, а тоа е сведување на основна варијанта, односно се треба да биде дводимензионално наместено. Даската на која се кова е хоризонтална и горе се движат предмети кои ги анимира.

Боро Пејчинов има идеографски пристап кон цртежот, видете во чадорот, дождот само точки, црта човекот вода со хоризонтални линии, кој друг го прави тоа во тоа време, и тоа е таа неверојатност во неговиот пристап, особено во 70-74та, делумно пренесена во „Отпор“.
Понатаму тој не се движи така, по мене неговиот најамбициозен филм е „Тоа е мојот живот“, поинаку ја разработува оваа идеја.

Фрагменти од филмот „Тоа е мојот живот“ 1986 (стр.114 и стр.115)
“Quo vadis homo” Светска галерија на карикатури, каталог 1971г. (стр.70-71)
Од публикацијата „ Мајсторисување со едноставноста – за карикатурите на Боро Пејчинов“

И:Едноставноста што е во делата на раните дела на Пејчинов, каде целиот филм е во служба на идејата, не е заинтересиран за синематичко доживување…

Л: Потекнува и од Вукотиќ (Душан) по мене, еден период, крај на 50ти, за Загреб филм зборувам, тогаш има различни пристапи кон цртаниот филм. Еден пристап Вукотиќ  дефинира со „Сурогат“, тој модел на јасна порака, и целиот филм оди кон пораката која доаѓа на крај. Целиот филм е поедноставен, реален и во идеограми, и со порака.
Не е тоа така често претходно, тоа понатаму станува систем во Загребската школа, се менуваат генерации но доаѓаат други генерации најчесто на карикатуристи, Драгич, Гргич, Довникович, делумно по тие теркови и Александар Маркс размислува, прават неколку ремек дела и сакам да кажам дека тој концепт за филм со порака кој трае околу 6-7 минути, има некакво раскажување, е во суштина конципиран во „Сурогат“, сите понатаму се држат до тој модел. Во „Отпор“ зборуваме за јасна порака која доаѓа на крај од филмот.Тоа е тоа, како светоглед како смисла и значење.

„Отпор“ Боро Пејчинов 1978г.


Работата е една, доцна е почнат цртаниот филм во Македонија, поранешните генерации, генерациите на Загреб филм кога ги прават филмовите не ги прават само за фестивали, тие одеа и како предигри во кина и имаа реална публика, во 70ти години тој однос кон анимираниот филм како еден активен контакт со публиката почна реално да се губи, почнуваат да егзистираат само по фестивали, телевизии и пригодни прикажувања, и тогаш овде почнуваат со него да се занимаваат, а тој во суштина како таков исчезнува секаде. Додека не најде некое друго место да се прилагоди како активно присутен во сегашноста.
Порано, зборувам за Загребската школа и Загребското студио, јас сум ги гледал тие филмови во кино, пред филмот гледаш филмски новости и гледаш цртан филм. И они имаат еден активен однос, кога прават, прават за публика, цртаниот филм е правен за публика, после тоа исчезнува, не е веќе присутен во кино салите. А тоа е веќе еден реален проблем за анимираниот филм.

И: Што е тоа што карикатуристите во 70ти години ги носи во анимиран филм?

Л: По мене, сите карикатуристи, не 100% сакаат да завршат во цртан филм затоа што таму е друг систем, прво се они па има декери, па раководат со некоја пара со некаков проект, а кога си карикатурист тие се само дел од новинарството, они се доживуваа така, како новинари. Боро веројатно не, но Дарко, Делчо да. И они сакаа да се занимаваат со нешто поголемо, имаа талент да се занимаваат со нешто поголемо и имаа енергија тоа да го остварат. Тоа највеќе има уништено добри карикатуристи, анимираниот филм, добри карикатуристи одат и оставаат незавршена работа. Ако го прашавме сега жив Боро што си ти, он ќе речеше аниматор, нема да речеше карикатурист, тоа го претпоставувам, дека ќе кажеше автор на цртани филмови. Они не снимаа многу, но он себе се гледаше како аниматор.

И: Можам да најдам голем број на проекти кои што се во фаза на сториборд припрема и не се реализирани, дури и буџетирани проекти што едноставно не се снимиле.

Л: Целата таа финансиска конструкција која е многу важна не ја знам. Имаа студио, имаа голема просторија каде што се работеше и тоа отиде по ѓаволите..тие не се ни вртеа после таму. Сето тоа го упропастија тие кои не го финансираа тој дел, после платите им ги ставија на минималец и не им даваа пари за филмови да снимаат.Кога бев кај неговата сопруга да видам што има од карикатури, налетував на некои фолии што ги работел за Загреб филм, па избила војна и така останало тоа незавршено.

Leave a comment